Презентација на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина

Презентација на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Изградба на инсталација за производство на електрична и топлинска енергија преку горење на отпад во Северо -источниот плански регион“

studijaНа 12.6.2013 година во Центарот за развој на Североисточниот плански регион се одржа  јавна расправа по Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Изградба на инсталација за производство на електрична и топлинска енергија преку горење на отпад во Северо -источниот плански регион“. Инвеститор на инсталацијата е Заедничкото Јавно Претпријатие  „Еко -Зона“ Куманово.

 

Експертите од Консултантскиот тим на Друштвото за технички консултантски услуги“ЕкоМозаик“ од Скопје кои се изготвувачи на Студијата за оценка на влијанијата на проектот врз животната средина, ги претставија техничките карактеристики на проектот во поглед на употреба на најдобро достапни техники и ЕУ стандарди за максимална заштита на животната средина кои ќе се применат при проектирање, изградба и секојдневно работење на инсталацијата за производство на електрична и топлинска енергија од отпад како и предложените мерки за намалување односно ублажување на потенцијалните негативни влијанија врз животната средина и мониторинг план за животната средина.

stud-2

Предвидената инсталација ќе биде лоцирана во КО Доброшане, Општина Куманово, во близина на Пречистителната станица за отпадни води на Куманово. Во инсталацијата ќе се искористува цврст комунален и друг неопасен отпад од општините во Северо – источниот плански регионза добивање на електрична и топлинска енергија.

Инсталацијата ќе биде проектирана за капацитет на искористување до 160 000 t отпад / година, а би се започнало со технички(работен) капацитет од 120 000 t отпад/ година.Вкупното количество на произведена електрична енергија се очекува да изнесува околу 95.000 MWh/год, од кои околу 20% ќе се користат за сопствени потреби на инсталацијата, а остатокот ќе се испорачува на дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија.Произведената топлина од 35.000 GJ/месечно  ќе се користи за загревање на стакленици.

Изградбата и функционирањето на инсталацијата ќе овозможи:

  • намалување на количеството на отпад кој оди на депонии,
  • намалување за околу 70-90% на површините потребни за негово депонирање,
  • елиминирање на  потенцијалната опасност кон здравјето на луѓето и животната средина од создадениот отпад со кој сега несоодветно се управува низ целиот регион и земјата,
  • расчистување на дивите депонии покрај патиштата, речните корита и земјоделските површини и намалување на притисоците врз растителниот и животинскиот свет,
  • искористување на материјалната  и  енергетската  вредност  на  отпадот и создавање на енергија од обновлив извор што претставува тренд во светот,
  • минимизирање на создавање на нови оптоварувања  врз  животната  средина преку загадувања на површинските и подземните води, нарушување на квалитетот на амбиентниот воздух  поради несоодветно управување со отпадот,
  • економски развој на целиот регион поради искористувањето на енергијата и топлината на создадениот отпад за добивање на енергија наместо искористување на природните ресурси – фосилни горива,
  • нови вработувања и можност на развој на мали и средни претпријатија кои би давале услуги на инсталацијата во сите фази,
  • постапување со отпадот согласно главните цели на националната Стратегија за управување со отпад во однос на намалување на количината на отпад и потенцијалната опасност од истиот, како и негово оптимално искористување како материјал/енергија, а потоа и безбедно отстранување на создадениот отпад. 

stud-3

Студијата предлага мерки за превенција, спречување, ублажување на можните негативни влијанија на инсталацијата во сите фази на постоењето (фаза на проектирање, градежна фаза, оперативна фаза и во случај на хаварии) и поставува Мониторинг План за следење на реализацијата на предложените мерки.

На јавната расправа присуствуваа претставници од општините од Североисточниот плански регион.