Трета Меѓународна Конференција на тема Управување со отпад и Климатски промени 19-21 Септември 2013, Скопје

Апстракт за Првична инвентаризација на индустриски хемикалии POPs во отпад од електрична и електронска опрема и отпад од дотраени возила во Република Македонија

Клучни зборови: инвентар на нови индустриски POPs хемикалии, PBDEs – полибромирани дифенил етри, c-OctaBDE, c-PentaBDE, Стокхолмска Конвенција, отпад од електрична и електронска опрема (ОЕЕО), отпад од дотраени возила

Автори: Славјанка Пејчиновска – Андонова1, Љубица Баварчиќ2, Сузана Андонова3 , Емилија Ќупева – Неделкова4

1 Друштво за технички консултантски услуги “ ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

2 Друштво за технички консултантски услуги “ ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

3 Министерство за животна средина и просторно планирање, Република Македонија

4 Министерство за животна средина и просторно планирање, Република Македонија

Наслов: Првична инвентаризација на индустриски хемикалии POPs во отпад од електрична и електронска опрема и отпад од дотраени возила во Република Македонија

            Согласно ратификуваната Стокхолмска Конвенција во 2004 година која ги дава насоките на редукција, замена, забрана и/или рестриктивна употреба на персистентните (неразградливи)  органски загадувачи (POPs), Република Македонија во 2005 година го подготви Првиот Инвентар со количества на овие хемикалии POPs во различните сектори и беа предложени мерки за надминување на предизвиците во поглед на превенција и ублажување на негативното влијание на POPs хемикалиите врз здравјето на луѓето и живиот свет.

            Во 2012 година Листата на хемикалии POPs од страна на телата на Стокхолмската Конвенција беше проширена со нови индустриски хемикалии во кои спаѓаат и двете големи групи на соединенија: а) PBDEs ( група на полибромирани дифенил етри) и PFOS (перфлуорооктан сулфонска киселина и нејзините соли) кои се користеле во минатото во развиените земји при производство на електрична и електронска опрема (ЕЕО), во транспортниот сектор и во различни индустрии како површински активни хемикалии кои ги подобрувале карактеристиките на производите.

            Скоро 95% од вкупната апликација на c-OctaBDE во минатото била во акрилонитрилбутадиен – стирен (ABS) полимерот кој се додавал при производство на електрична и електронска опрема (ЕЕО) со содржина од 12-15%, а 90% – 95% од употребата на c-PentaBDE била во производство на PUR пена (содржината изнесувала од 3-5% c-PentaBDE).  Светските податоци кажуваат дека околу 36% од вака добиената PUR пена се користела во транспортниот сектор.

            Во периодот 1970-2005 година во светот е произведено вкупно 1.3-1.5 Mt на PBDEs, ЕУ земјите го забрануваат производството во 1997 и САД во 2005 година, но се очекува производите кои содржат PBDEs да се уште во употреба и наскоро тие ќе претставуваат отпад.

            Производите и материјалите кои содржат PBDEs по завршување на животниот век преставуваат ризик кон животната средина преку нивно несоодветно управување (одлагање покрај реки, земјоделско земјиште, создавање на резерви на депониите и седиментите, како и  при нивна повторна употреба во постројките за рециклирање на електронскиот отпад). При нивното разградување директно влијаат на загадување на воздухот, почвата, водите и преку ланецот на храна влијаат на здравјето на луѓето.

            Голем дел од овие материјали се наоѓаат веќе во глобалниот ланец на рециклирање на електрична и електронска опрема и пластиката од транспортните средства при производство на нови производи и истите се уште ќе имаат употребна вредност. Но, ќе треба многу да се внимава на количините на производи и материјали кои содржат PBDEs, а кои завршиле како неискористен отпад кој е несоодветно управуван.

            Каква е состојбата во Македонија со производите кои содржат PBDEs, кои се приоритетните сектори, кои количини на производи кои содржат PBDEs се во употреба, дали има залихи, кои количини на отпад се создадени од производи кои содржат PBDEs и колку изнесуваат количините на PBDEs во нашата земја? Дали знаеме доволно за содржината и потенцијалниот ризик на POPs врз здравјето на луѓето и животната средина? Дали ја имаме неопходната инфраструктура за соодветно собирање на отпад од дотраени возила и електрична и електронска опрема? Дали ни е потребен систем за идентификација и детална инвентаризација  на производи, застарени залихи, отпад и контаминирани локации кои содржат POPs? Кои се социо – економските влијанија на POPs хемикалиите?

            На сите овие прашања тимот на автори на трудот се обидоа да најдат одговор.

Во периодот 2012-2013 година извршена е првична идентификација и инвентаризација на количините на PBDEs (c-OctaBDE во електрична и електронска опрема и отпад од електрична и електронска опрема (ОЕЕО) во Република Македонија како и количините на c-PentaBDE во транспортниот сектор низ целиот животен век (вклучувајќи го и отпадот од дотраени возила) која претставува основа за дефинирање на мерките за намалување на негативното влијание на отпадот кој содржи PBDEs врз животната средина.

Апстракт за труд Производство на енергија од отпад во Североисточниот Плански  Регион на Република Македонија

Клучни зборови: Горење на цврст комунален отпад, инсталација за горење на отпад, енергија од отпад, потенцијал на глобално затоплување,  Студијата за оценка на влијание на проектот врз животната средина (СОВЖС), Североисточен плански регион  на Република Македонија.

Автори: Лилјана Пеева 1, Славјанка Пејчиновска – Андонова 2, Здравко Андонов3 , Тања Николовска4

1 Друштво за технички консултантски услуги “ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

2 Друштво за технички консултантски услуги “ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

3 Друштво за технички консултантски услуги “ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

4 Друштво за технички консултантски услуги “ЕкоМозаик” дооел Скопје, Република Македонија

Наслов: Производство на енергија од отпад во Североисточниот Плански  Регион на Република Македонија

Заедничкото јавно претпријатие „ЕКО – ЗОНА Куманово“ основано со одлука на Советите на општините: Куманово, Кратово, Крива Паланка, Липково и Ранковце  за управување со отпад во Североисточниот плански регион,  планира изградба на инсталација за горење на цврст комунален и друг неопасен отпад во КО Доброшане, Општина Куманово со проектиран капацитет од 160 000 t/ година.

Инсталацијата ќе користи технологија базирана на најдобри достапни техники при проектирањето, опремувањето, изградбата и работењето и ќе вклучи искористување на енергијата содржана во отпадот за производство на електрична и топлинска енергија. Таа ќе обезбеди производство на 95200 MWh/година електрична енергија од која 16800 MWh / година ќе користи за свои потреби, а 78 400 MWh/година ќе испорачува на националната електрична мрежа како и на топлинска енергија, од која во почетокот, на надворешни планирани корисници ќе испорачува 175000 GJ.

Во рамките на подготовката на Студијата за оценка на влијание на проектот врз животната средина подготвена од страна на Консултантскиот тим на Друштвото за консултантски услуги “ЕкоМозаик” од Скопје беа анализирани позитивните и негативните влијанија на инсталацијата и за можните негативни беа предложени соодветни мерки за избегнување и/или ублажување во сите развојни фази на проектот.

Главните наоди од Студијата укажуваат дека емисиите на загадувачките супстанции во сите медиуми и области на животната средина ќе бидат значајно под граничните вредности пропишани со ЕУ т.е. националното законодавство, вклучително и емисиите на стакленички гасови (CO2, CO, N2O, NOx, CH4) , а со тоа ќе се минимизира глобалниот потенцијал на загревање на самата инсталација. Емисиите на јаглерод диоксид се оптимизирани  со високата енергетска ефикасност на инсталацијата ( најмалку 0.65), на CO, N2O, NOx со проектирање на комората за горење врз основа на компјутерски модел за динамика на проток на гасовите и примена на  селективна некаталитичка редукција (SNRC – Dediox/DeNOx  метода), а на CH4, со декомпресија на бункерот каде се складира отпадот за горење и  внесување на воздухот во комората за горење.

 Дополнително, инсталацијата ќе обезбеди намалување на отпадот што сега се депонира, а со тоа и потребниот депониски простор, за 97 % при  рециклирање на остатоците од горењето (металите во метало-преработувачката индустриаја и згурата во градежништвото). Со тоа се елиминираат емисиите на CH4 од депонирање на отпадот кој ќе биде пренасочен кон горење и дополнително се намалува глобалниот потенцијал на затоплување на инсталацијата.

Конечно, инсталацијата ќе обезбеди спроведување на дел од националните обврски за пренасочување на комуналниот биоразградлив отпад од депониите кон инсталации за преработка (Директивата 1999/31 за депонии и Правилникот за количеството на биоразградливи состојки во отпадот што смее да се депонира ) и ќе придонесе  во постигнувањето на националните цели за преработка утврдени со Законот за управување со пакување и отпад од пакување  и Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема.