Консултантскиот тим на „ЕкоМозаик“ започна со подготовка на Локален Акционен План за животна средина (ЛЕАП) за Општина Гази Баба за периодот 2013-2017 година, согласно барањата на националното законодавство, но и ЕУ практиките. При изработка на стратешкиот документ ќе се користи Националната Методологија за изработка на ЛЕАП донесена од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање како и најнови научни и искуствени техники на подготовка на ваков тип на документи и учество на јавноста при изработка на истите.
Главната цел на процесот на изработка на ЛЕАП е да ја идентификува состојбата со животната средина во сите 5 тематски области (Урбан развој почва и земјиште, Воздух и бучава, Вода, Отпад, и Природа), да иницира процес на учество на јавноста, приватниот и невладиниот сектор при дефинирање на клучните предизвици за Општина Гази Баба и да даде препорака за решавање на сите предизвици во однос на управување со животната средина. Со учество на голем број заинтересирани страни и користејќи критериуми за приоретизација ќе се дефинираат најприоритетните проблеми за кои ќе се подготви Акционен План кој ќе ги содржи мерките и активностите за решавање на најприоритетните предизвици со дефинирани одговорности и План за набљудување и оценување на успешноста на спроведувањето за временски период од 4 години.
Во септември 2013 година, беше потпишан Договор за подготовка на Локален Акционен План за животна средина (ЛЕАП) за Општина Гази Баба за периодот 2013-2017 година и се одржа првичен состанок со претставниците од Секторот за животна средина од Општина Гази Баба на кои се разговараше за следните чекори и фази за подготовката на стратешкиот документ.
Досегашни спроведени активности (октомври – ноември 2013):
* Советот на Општина Гази Баба донесе Одлука за изработка на ЛЕАП за Општина Гази Баба;
* Градоначалникот назначи Локален Координатор кој ќе биде надлежен за активностите во рамките на процесот на подготовка на ЛЕАП за Општината и со Решение ги именува членовите на Локалниот Управен Комитет;
* Воспоставена е структурата на управување со процесот на изработка на ЛЕАП документот;
* Одржани се неколку Работни состаноци меѓу консултантите и одговорните лица од Општината;
* Направена е Анализа на стратешки документи на Општина Гази Баба, (Демографски и економски социјален профил на Општината, Стратегија за Локален економски развој (ЛЕР), Подстратегија за рурален развој на Општина Гази Баба, Монографија на Општина Гази Баба), стратешки документи на Градот Скопје (ЛЕАП II на Град Скопје) и документи на Скопскиот плански регион;
* Подготовка на Анкетен Лист за јавното мислење за животната средина и нејзиното управување;
* Дистрибуција на 406 Анкетни Листови (репрезентативен примерок) до месни заедници, основни училишта и општинска администрација,
* Собирање и анализа на одговорените Анкетни Листови;
* Теренски посети, идентификација на “жешки точки” во поглед на нарушување на животната средина,
* Подготовка на работни листови за идентификација на состојбите во животната средина за секоја тематска област (Работните листови од Националната методологија се адаптирани на профилот на Општина Гази Баба);
* Подготовка и одржување на I Состанок на членовите на Локалниот Управен Комитет;
* Подготовка и одржување на I Состанок со Работните групи
* Работни состаноци со лица одговорни за спроведување на процесот на подготовка на ЛЕАП за Општина Гази Бабаж
* I состанок со ЛУК одржан на 02.12.2013
* Теренски посети во Општина Гази Баба