Здружението “ЕКО ДИЈАЛОГ“ ќе ги адресира актуелните теми на нарушување на медиумите од животната средина (воздух, вода, почва) од постојни или планирани активности, со цел да се заштити животната средина, здравјето на луѓето и да се обезбеди одржлив развој и доволно ресурси за наредните поколенија.
Здружението ќе се залага за постојан професионален развој на своите членови, користење на современи научни достигнувања, иновативни решенија, нови методи и техники при изведување на консултантските услуги, одржување на висок степен на професионалност, коректност, непристрасност и интегритет и се разбира професионална и деловна етика.
На промоцијата присуствуваше и Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Нурхан Изаири кој истакна особен интерес за основањето на “ЕКО ДИЈАЛОГ“ во кого гледа иден партнер за соработка со министерството, давање на стручна експертска помош во разрешување на проблемите во животната средина на национално ниво, но посебен акцент да се стави на локалната самоуправа и секој поединец кој како индивидуа може да придонесе во заштитата на животната средина. Воспоставувањето на соработка помеѓу Здружението „ЕКО ДИЈАЛОГ“ и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе допринесе за изградба на одржливо општество во кое животната средина ќе има врвен приоритет.